Од утре до 26.септември во италијанскиот град Парма ќе се одржува Европското првенство за тенисери и тенисерки до 16 години, а Македонија ќе ја претставуваат по двајца во секоја конкуренција и истите тенисери и тенисерки ќе играат и во конкуренција на двојки. Кај девојките македонскиот тим го претставуваат Сара Митевска и Лина Николовска, а кај момчињата се Марко Алексовски и Алексеј Стојановски.
Дел од нив утре ќе ги имаат и првите мечеви. Стојановски во меч од второто коло ќе игра против Томи Лукса од Чешка, додека Алексовски ќе игра со победникот од првото коло од мечот Јакуб Јашин (Белорусија) и Николас Шилц Солви (Луксембург). Митевска во второто коло ќе игра против Тинкара Сеп (Словенија), а Николовска за ривалка ја има Андреа Папакирјаку (Кипар).
Во конкуренција на двојки Алексовски – Стојановски ќе играат во првото коло против Колин Ландри и Сем Ван де Лангенберг ((Швајцарија), додека Митевска – Николовска ќе играат против Ајше Бол и Танем Јилмаз од Турција.
Македонскиот тим е предводен од капитенот (тренер) Тања Стојановска.
Свеченото отворање на шампионатот се одржа денеска.


