Македонските тенисер Калин Ивановски со доминантна игра го совлада првиот носител М25 Скопје Macedonian Open 2026, Андреј Чепелев 2-0 во сетови (64 62) за два часа и две минути игра. Во текот на целиот меч Ивановски имаше контрола и доминираше, а предноста ја правеше на почетокот на секој од сетовите.
Во првиот сет Ивановски направи брејк во третиот гем за водство од 2:1 во гемови и предноста ја одржуваше до крајот на сетот, кој го заврши со 6:4 во гемови. Во вториот сет македонскиот тенисер имаше два брејка и водство од 4:0 во гемови. Во седмиот гем се водеше голема борба и по 16 одиграни поени Чепелев намали на 5:2 во гемови, а во следниот гем на свој сервис „ја заврши работата“ и сетот го заврши со 6:2.
Во следното коло противник на Ивановски ќе му биде победникот од мечот Саша Марковиќ и Лиам Деликата.
Од другите македонски тенисери настапот во првото коло го завршија Стефан Мицов и Кристијан Јанев. Мицов за противник го имаше Каспер Симковјак од Полска, кој го доби мечот со 2-0 во сетови (62 62). Во првиот сет полскиот тенисер имаше три брејка, а Мицов успеа да му „одземе“ еден гем на сервис на ривалот. Во вториот сет Симковјак направи два брејка и поведе со 4:0 во гемови. Во последниот гем Мицов успеа да спаси три меч топки, но сепак противникот се радуваше на победата.
Младиот македонски репрезентативец Кристијан Јанев го загуби мечот со Валентино Конте од Аргентина со 2-0 во сетови (63 60). Во првиот сет по двата брејка Јанев поведе со 3:2 во гемови, но во продолжението Конте успеа да наметне своја игра и го доби сетот со 6:3, а потоа и следниот со 6:0.
Од другите македонски тенисери Обрад Марковски води во мечот со 1-0 во сетови (76(2)) против Максимилиан Борисов од Бугарија. Во вториот сет мечот е прекинат поради дожд при водство на Борисов од 2:0 во гемови. Во првиот сет во прекин е мечот и на Амар Хусеиновиќ, против Александер Вајс од Италија, кој води со 3:1 во гемови.
Од македонските тенисери според програмата треба да настапи и Горазд Србљак против Стефан Поповиќ, но силниот дожд им прави проблеми на организаторите, а неизвесни за одигрување се и мечевите во двојки.



