Анета Павловска е една од ретките жени од Македонија и од поширокиот регион што достигнала највисок судиски ранг во тенисот. Во Париз во 2025та година се здоби со бронзена значка, што ѝ овозможува да суди на највисоките турнири (Гренд Слем, ATP и WTA) и е меѓу мал број жени на тоа ниво. Ова само по себе има силно симболично значење за родовата еднаквост во спортот, бидејќи ја разбива стереотипната доминација на мажи во спортски судиски улоги, служи како пример за други жени / девојки кои сакаат да влезат во спортски професии поврзани со тенис; ја зголемува видливоста на жени на глобална спортска сцена преку учество на големите турнири. Павловска е втор македонски судија со бронзена значка, претходно тоа беше охриѓанецот Климе Буловски. Разговараме со Анета за предизвиците, патот до успехот и родовата еднаквост кај судењето во тенисот.

  1. Што те мотивираше да станеш тениска судијка и како изгледаше патот до оваа професија?

-        Со судење започнав во 2008 година по повик на Македонска Тениска Федерација во време кога Македонија беше домаќин на Дејвис Куп натпревари. Меѓутоа ние сме земја со многу малку тениски турнинри и едноставно беше предизвик како од тениски непозната земја на тениската мапа да се излезе надвор и судењето да ми стане професија. Искрено таа одлука ја донесов во 2010 година кога во живо го гледав полуфиналето на УС Опен помеѓу Ѓоковиќ и Федерер  на најголемиот тениски стадион Артур Еш. Целата таа атмосфера ме понесе да си ветам дека еден ден ќе се вратам но ќе бидам на терен.  

  1. Дали имаше женски модели или поддршка во почетоците?

-        Во тоа време немаше многу жени судии или поточно кажано не беа доволно афирмирани а ги немаше ни програмите како “Advantage All” на ITF кои денес се тука за поддршка на жените во судењето. Во Македoнија имавме неколку интернационални судии но не и жени судијки. На почеток искрено не бев свесна во што се впуштам и единствено ме водеше помислата еден ден да судам на најголемите тениски турнири а како полека ми се отвараше патот и запознавав и жени судијки се повеќе бев мотивирана да излезам од стегите на стереотипите на нашето опкружување.

  1. Каква е состојбата со женското судење во тенисот денес – и кај нас, и на меѓународно ниво? Дали жените судии добиваат исти можности за важни мечеви како и мажите?

-        Денес сликата е променета, а и вие тоа можете да го видите на големите мечеви каде се повеќе жени судат Грен Слем/Олимписки финалиња. На пример, во 2015 година Ева Асдераки беше првата жена што судеше машко Грен Слем финале( УС Опен). Оваа година сите шест финалиња на Ролан Гарос во сите категории, беа судени од жени.

  1. Според тебе, кои се најголемите бариери што ги спречуваат младите девојки да влезат во судење или воопшто во тенисот?

-        Постојат повеќе пречки на глобално ниво кои доаѓаат од културни и религиозни побуди. Но најголемите бариери ни доааѓаат од менталитет, од опкружувањето и од начинот на кој сме растени и убедувани дека не сме доволно добри и дека од кај нас не се може.

  1. Кои се најдобрите и најтешките моменти што си ги доживеала како судијка?

-        Можеби едно од најдобрите искуства ми беше кога прв пат стапнав на централниот терен во 2017 година во Париз бидејки тоа ми беше како остварување на мојот сон и целта за која работев. Но секако има многу моменти кои биле посебни... од Финалињата на Грен Слем турнири и Финалињата на Олимписките Игри во Токио и Париз до најкасно завшениот меч во 3 и 7 минути после полноќ. Секако имало и тешки денови и мечеви кои те тераат да се запрашаш дали е ова навистина тоа што го сакаш но тоа го има во секоја работа па преку разговор со своите колеги или едноставно со “преспивање“ на ситуацијата, да добијам друга перспектива.

  1. Како гледаш на развојот на родовата еднаквост во тенисот во следните пет години?

-        Програмите како ИТФ “Advantage All” иницијативите како и улогите на Националните амбасадори се многу важни за подигнување на свеста за потребата од родова еднаквост а со тоа и за охрабрување, мотивирање и поддршка на судиите генерално а особено женските судии да направат чекор напред и да си го следат својот сон.

  1. Што би им порачала на девојчињата кои сакаат да започнат кариера како судии или тренери?

-        Мој личен совет е едноставно да тргнат по тој пат и да не се плашат. Да веруваат во себе и да не ги слушаат оние кои им велат дека не можат. Да се опкружат со луѓе ги поддржуваат и се спремни да помогнат.И за мене најважно е да не се споредуваат со никого бидејки секој пат е различен и посебен.

  1. Што би требало да направат федерациите и клубовите за да има повеќе жени во судење и тренажен процес?

-        Пред се да се организираат повеќе професионални турнири кои ќе бидат мотивација за младите генерации било да станува збор за играчи, тренери или судии. Да им се дадат на сите еднакви шанси и еднакви можности. Во основа, да се биде тениски судија бара познавање на правилата, комуникациски вештини и способноста да се види дали топката е добра или е аут. Секој од нас е способен да чита книга и да учи, а и секој може да си ги развива комуникациските вештини.

  1. Што најмногу те мотивира денес да продолжиш во оваа професија?

-        Прво и основно е тоа што јас си ја сакам работата, и не ми е тешко да станам и во 4 сабајле за да патвам на некој турнир. Ме мотивираат младите девојки од кај нас како Михаела, Елена, Јована....што тргнале по мојот пат но и тие што се на повисоко ниво од мене и секојдневно ме инспирираат за јас да одам по нивниот. Судењето е една прекрасна професија која секојдневно ме предизвикува, ме учи нешто ново, ми ги поместува гранците, ми ги убива стравовите и ме гради и претвора во подобар човек. Благодарение на неа си имам пријатели од целиот свет.

  1. Ако можеш да смениш една работа во системот – која би била тоа?

-        Искрено има повеќе работи кои би ги сменала но ќе се задржам на две. Првата  што и претходно ја спомнав е менталитетот и “програмирањето“ дека не сме доволно добри за ова или она, а втора исто толку важна е вистинската поддршка меѓу жените!

 

* Интервјуто е дел од Проектот за родова еднаквост во тенисот „АС за еднаквост“ кој се реализира во соработка со Олимпискиот комитет на Македонија, а финансиски поддржан од Европската Комисија.