VIP Професионален тенис Вести

Ѓорческа стартуваше со победа на фјучрсот во Порто

27.01.2026

По настапот во квалификациите на Австралија Опен најуспешната македонска тенисерка Лина Ѓорческа со победа го почна настапот на фјучрс турнирот во Порто што се игра за награден фонд од 60.000 долари. Таа во првото коло ја совлада Ралука Шербан од Кипар со 2:0 во сетови (64 64). Ова беше трета победа за Лина Ѓорческа во последните три меча против Шербан.

Во првиот сет двете тенисерки на почетокот имаа проблем со освојување на гем на свој сервис и Ѓорческа прва успеа и со тоа поведе со 4:2, а веднаш потоа го освои и следниот гем. Сепак ривалката намали на 5:4, но македонската тенисерка го доби десеттиот гем и поведе со 1:0 во сетови. Во вториот сет ривалката имаше предност од 4:2 во гемови, но Ѓорческа со серија од четири гема го доби сетот со 6:4, а со тоа и мечот со 2:0 во сетови.

Во следната рунда Ѓорческа ќе игра против победничката од мечот Настасја Шунк (Германија) – Ајла Аксу (Турција).