АВСТРАЛИЈА ОПЕН – ПРВИОТ ОД ЧЕТИРИТЕ ГОЛЕМИ ТУРНИРИ
Со мечевите на Мелбурн парк стартуваат возбудувањата на секоја нова тениска сезона. Женскиот дел на турнирот последните сезони носи своја атрактивност, пред сè поради изедначеноста на тенисерките на стартот од сезоната, но и од причина што редовно има по некое изненадување. Победите на тенисерките со послаб ранг против носителките е секако и моментот на подобра подготовка, поуспешна аклиматизација на високите температури во Мелбурн, но и на предизвикот за голем триумф.
Низ историјата Австралија опен како и поголемиот дел од турнирите е поделен на два дела (аматерска ера и опен ера), но овој турнир во првите години од своето постоење беше турнир каде што пред сè настапуваа домашните тенисерки, кои и најчесто беа победнички и финалистки.
Вистинското „раздвижување“ е со почетокот на Опен ерата (1969 година), па така покрај имињата на домашните тенисерки Маргарет Корт и Ивон Гулонгонг, се појавуваат и имињата на Мартина Навратилова, Крис Еверт, Хана Мандликова, а неколку години подоцна и Штефи Граф и Моника Селеш тенисерки кои играат главна улога во освојувањето на трофеите во Мелбурн.
По 1997 година се појавуваат тогаш млади тенисерки, кои покажуваат доминација Мартина Хингис по трите последователни турнирски победи (1997-1999), имаше три порази во финалните мечеви (2000-2002), а каде победија Американките Линдзи Девенпорт и Џенифер Капријати во два наврати. Во 2003 година Серена Вилијамс ја освои својата прва од вкупно седум титули во Мелбурн парк (последната 2017) и ја покажа својата доминација, пред сè во дуелите со атрактивната Марија Шарапова. Инаку, Серена Вилијамс во своите седум победи за ривалки имаше пет различни, по две финалиња играше со својата сестра Венус 2003 и 2017 (првото и последното) и против Шарапова 2007 и 2015.
Привлечноста на женскиот Австралија опен од 2011 е тоа што Викторија Азаренка (2011 и 2012) и Арина Сабаленка (2023 и 2024) се единствените две што ја имаат одбрането титулата, додека како шампионки се среќаваат имињата на Ким Клајстерс, Ли На, Анжелик Кербер, Наоми Осака, Софија Кенин, Каролине Возниачки.
Последната домашна тенисерка која триумфирала во Мелбурн е Ешли Барти во 2022 година, додека последната и актуелна шампионка е Американката Медисон Кејс, која ја „спречи“ Сабаленка да направи „хет-трик“.
Турнирот до 1985 година се играше на тревната подлога, а следната сезона не беше во календарот, за од 1987 да биде на почетокот на календарската година.
Австралија Опен последните години е атрактивен и за македонскиот тенис пред сè поради настапите на Лина Ѓорческа во квалификацискиот дел. Ѓорческа во своето прво од трите учества беше и најблиску до пласман во главниот ждреб. Сепак она што дава посебен белег на нејзините настапи е тоа што секој нејзин меч беше следен од македонските иселеници во Австралија и секој поен бурно бодрен од стотици македонци кој беа покрај теренот.
#АСзаеднаквост #женивоспортот