VIP Вести

Повеќе жени во тенисот – посилен спорт: Интервју со Тања Стојановска

19.03.2026

Како дел од Проектот „АС за еднаквост“ - Проект за родова еднаквост во соработка со МОК - Фер игра, и поддржан од ЕУ, разговаравме со Тања Стојановска, првата жена тениски тренер во Македонија, која се стекна со највисокото ниво на тренерска лиценца Ниво 3 издадена од Светската Тениска Федерација (ITF) и петти тренер со највисокото ниво во нашата држава покрај Чедомир Јовановски, Предраг Русевски, Димитар Лабудовиќ и Горан Шевченко. Почетоците во спортот ги има уште од најрана возраст најпрво во кошарката, за подоцна да навлезе во тенисот и со години активно да игра како репрезентативец на Македонија.

1. Што те мотивираше да станеш тениски тренер  и како изгледаше патот до оваа професија?

Со тренерска работа започнав уште кога активно тренирав и се натпреварував, се случуваше да одржам по некој тренинг кога ќе ме прашаа. Имав чувство уште тогаш дека можам и сакам да пренесам знаење, но во професионално занимавање како тениски тренер навлегов без план. Знаев дека сакам да имам работна професија која ќе биде поврзана со спортот на некој начин и студиите ми беа насочени кон тоа, меѓутоа сфатив дека сакам да бидам тренер од кога започнав да одржувам повеќе тренинзи. Мотивацијата да продолжам и да ја изберам тренерската работа како професија беше тоа што се чувствував убаво како едукатор на терен и со посветеност пристапував кон тренинзите иако на почеток не ми беше тоа прва опција.   

2. Дали имаше женски модели или поддршка во почетоците?

Женски модели во Македонија не сум имала и не се сеќавам во текот на мојата играчка кариера да сум се сретнала со жена тренер, единствена приказна на којашто се сеќавам е дека Јелена Генчиќ работела со Новак Ѓоковиќ, ако се сеќавам добро во кошарката сум се сретнала со неколку жени тренери, на колеџ во Америка имав главен и помошен тренер жени така што не сум сигурна дека би го препишала мојот избор да бидам тренер на тоа што сум видела таков модел. Но сепак, од аспект на подршка, никогаш не ми било кажано дека не можам да сум тренер, се сеќавам дека мојот тренер секогаш ми кажуваше дека може да се биде тренер ако го сакаш тенисот, сакаш да го учиш и го владееш, потоа можеш да научиш како се пренесува тоа знаење. Тренерската работа е тешка и физички и психички, сум се нашла во ситуација каде што ме прашувале зошто одбирам да „се мачам„, меѓутоа за мене тоа не претставува напор бидејќи се чувствувам убаво кога го работам тоа и ми дава голема сатисфакција кога го гледам производот на тоа така наречено мачење низ развојот на децата особено со кои што работам. Не се сметам за особа на која што и влијае премногу мислењето на другите, така што јас сум среќна што се пронајдов во тренерската работа и продолжувам да се надоградувам како тренер.

3. Каква е состојбата со женските тренери во тенисот денес – и кај нас, и на меѓународно ниво? Дали тениските тренери жени ги добиваат исти можности за развој како и мажите тренери и како ?

Сум се сретнала со ситуации каде што родители на деца со коишто работам ми кажале дека биле скептични на почеток дека своите деца ги пуштаат кај жена тренер, што покажува до каде е македонскиот mindset, но потоа го сменале мислењето, така што мило ми е и дека од тој аспект можам да влијаам на мислењето на луѓето. Во последните години и во Македонија и во светот воопшто, се прават напори да се воведат повеќе жени како спортски работници, така што би рекла дека жените сега добиваат можности, дали ќе успеат да се пронајдат, да се вклопат во системот е потоа индивидуално и зависи од многу нешта, но факт е дека бројката на жени тренери расте и жените добиваат шанси да се развиваат како тренери. Жените се способни да бидат тренери, затоа не сум за тоа да се вклучуваат жени само “за да се пополни бројка” за да се задржи довербата и компетентноста на жените тренери, позитивно е што се добиваат повеќе шанси денес, повеќе жени гледаат дека можат и се менува скептицизмот кај општата популација. Жените и мажите имаат различности во пристапот, комуникацијата, начинот на работа и сл. и баш тие не прават компатибилни на посебен начин со различните категории на играчи, така што има место за секој што знае и сака да работи како тренер без разлика на полот.

4. Знаеме дека во индивидуалните спортови  односот тренер - спортист е исклучително важен, а понекогаш и пресуден за продолжување или откажување од кариерата на спортистот. Дали мислиш дека работата на тренер жена со девојки може да значи поголемо разбирање, доверба и поголема поддршка вонивниот тренажен процес ?

Точно е дека односот тренер-играч во тенисот е поблизок поради природата на самиот спорт. Сметам дека добар тренер кој/а што ја разбира важноста на односот тренер-играч без разлика на полот ќе најде начин да направи добра конекција со своите играчи и доста често дали ќе функционира тој однос зависи од карактерот и на тренерот и на играчот и дали тие ќе најдат добар начин на комуникација и меѓусебна доверба. Но сепак, исто така е точно дека жените можат да бидат поадекватни некогаш во таквиот близок однос поради самата женска природа  и особено со девојчињата во покритичните тинејџерски години, но и во почетоците на тренажниот процес бидејќи на децата им треба поврзаност и разбирање во тие моменти.

5. Според тебе, кои се најголемите бариери што ги спречуваат младите девојки да навлезат посериозно во тенисот?

Една од бариерите мислам дека е физичката природа на тренерската работа, исто така нема толку многу жени тренери, па се зема фактот дека тоа е можеби “машка работа”. Некои имаат мислење дека работните саати се долги за тренерите, но една од позитивните работи на тренерската професија е исто така и флексибилноста на работните саати. Жените мајки и тренери исто така се соочуваат со потешкотии од аспект на правење пауза кога тоа е потребно, патување, организација на времето и слично.

6. Кои се најдобрите и најтешките моменти што си ги доживеала како тренер?

За мене најдобрата работа е тоа што се гледа развојот на децата не само како тенисери туку и како личности и нивната среќа, задоволство и самодовербата што ја добиваат кога ќе станат свесни за својот напредок. Спротивно, тешко ми е кога ги гледам дека се фрустрираат, а не можам или не треба во моментот да им помогнам за да се соочат со фрустрацијата и самите да најдат решение.

7.Како гледаш на развојот на родовата еднаквост во тенисот во следните пет години?

Од напорите да се вклучат повеќе жени во тенисот сметам дека во следните години ќе произлезе понатамошен развој и едукација и сите тие ќе си ја најдат својата позиција и ќе имаме појасна слика за тоа како ќе функционираме.

8. Што би им порачала на девојките кои сакаат да започнат кариера како тренери?

Да продоложат да учат и да се развиваат како тренери, да се посветат и да ја искористат својата женска сила на теренот.

9. Што би требало да направат федерациите и клубовите за да има повеќе жени во  тенискиот тренажен процес?

Да продолжат да вложуваат и да им даваат шанси за развој на тие што покажуваат интерес бидејќи сме потребни во светот на тенисот и можеме да допринисеме, а повеќето клубови веќе имаат женски тренери и сметам дека комбинацијата дава подобар плод.

10. Што најмногу те мотивира денес да продолжиш во оваа професија?

Убаво се чувствувам со мојата работа иако знае да ми биде тешко и среќна сум што го гледам резултатот на мојот и трудот на моите играчи.

11. Ако можеш да смениш една работа во системот – која би била тоа?

 Иако веќе не е толку често, да се продолжи да се менува мислењето дека жените не се способни да бидат тренери.

 

Проект „АС за еднаквост“

#асзаеднкавост #женивоспортот