Macedonian Open 2024 стартува на 19.мај

May 14, 2024

Новото издание на Macedonian Open 2024 ќе се одржи од 19 до 25.мај на терените на ТК Југ во Градски парк во Скопје. Ова ќе биде убава можност да се проследат интересни и возбудливи мечеви во поединечна и во конкуренција на двојки кај мажите.

Турнирот е од рангот ATP CHALLENGER 75, што е секако предзвик на многу млади тенисери, но и за поискусните да освојат поени кои би им помогнале во рангирањето на АТП листата. Инаку, турнирот минатата година беше обновен откако имаше пауза. Првите четири турнири под името MACEDONIAN OPEN од 1992 година до 1995 година се одржаа како турнири со prize money односно не се добиваа поени. Од 1996 до 2000 година турнирот беше од рангот на ATP CHALLENGER со награден фонд од 25.000 долари, а од лани е ATP CHALLENGER 75.

Турнирот стартува со квалификациите во недела на 19.мај кога се играат мечевите од првото коло, а веќе следниот ден понеделник 20.мај на програмата е второто квалификациско коло, како и мечеви од првата рунда од главниот турнир. Вторник 21.мај е денот кога ќе се комплетира првото коло во поединечна конкуренција, а ќе стартуваат и мечевите во двојки. Во среда на 22.мај ќе се одиграат мечевите од втората рунда во сингл и ќе биде комплетирано првото коло во двојки. Четврток (23.мај) ќе се играат четвртфиналните мечеви во двете конкуренции, додека во петок на програмата се полуфиналните мечеви.

Финалната програма е закажана за сабота – 25.мај кога ќе се игра прво финалето во сингл, а потоа и финалето во конкуренција на двојки.

Според програмата мечевите на терените на ТК Југ од недела до среда почнуваат во 10:30 часот, додека од четврток до сабота заедно со финалето почетокот е закажан за 11 часот.

Минатата година победник во сингл беше Унгарецот Мате Валкуз, додека во конкуренција на двојки триумфираа Петр Ноуза и Ендрју Полсен од Чешка.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани