Пехарот за Андреева, славата за Хвалинска
Годинешниов Ролан Гарос донесе многу изненадувања и покажа зошто мечевите на земја се непредвидливи. Женскиот турнир донесе неочекувано финале особено што една од финалистките беше тенисерка која преку квалификациите стигна до финалниот меч – Маја Хвалинска од Полска. Не помалку внимание привлече и тоа што победничкиот пехар заврши во рацете на Мира Андреева.
Епилогот од финалето беше пехарот за Андреева, а славата за Хвалинска.
Мира веќе втора година испишува една по една страница во тениската историја. 19 годишната тенисерка од Русија ја освои својата шеста титула во кариерата, а прва на Гренд слем турнир. Андреева досега најдобар резултат на Гренд слем турнир имаше кога лани беше четвртфиналистка на Вимблдон. Но, сепак за неа останува дека е најмладата тенисерка со титула на ВТА турнир 1000 лани во Дубаи.
За Андреева може да се каже дека е исклучително добра и во игра на двојки каде настапува со Диана Шнајдер, а пред две години го загубија финалето на Олимписките игри во Париз што се играше на терените на Ролан Гарос.
По триумфот на Ролан Гарос, Андреева напредуваше на ВТА листата за две места и се проби на шестото место.
Пласманот во финалето на Маја Хвалинска и го донесе најголемиот скок. 24-годишната полска тенисерка направи скок од 93 места и се проби на 21.место што секако и го донесе нејзиниот најдобар ранг во кариерата. Нејзините резултати до Ролан Гарос беа три турнирски победи на ВТА 125 турнири, а сега одигра десет мечеви седум на главниот турнир и три во квалификациите. На крајот беше запрена од Андреева и спречена да го повтори успехот на Ема Радукану, која од квалификациите стигна до Гренд слем титула. Со освоените поени и скокот на ВТА листата Хвалинска влезе во ТОП 25 тенисерки (21.место).
Сега предизвикот е секако да се повторат резултатите, но во спортот тоа многу потешко се остварува.
Андреева и Хвалинска го свртеа вниманието на себе и сега на Вимблдон сите нивни настапи ќе се очекуваат со нетрпение.
*Статија изработена во рамки на Проектот за родова еднаквост „АС за еднаквост“ во соработка со МОК - Проект Фер игра, финансиски поддржано од Европската Комисија