Македонските тенисери успеаја во дуелот од 3.коло од Третата Европска група да остварат победа над Грузија со 2:0 и на тој начин да го освојат второто место во групата и утре во дуел со Црна Гора ќе се борат за промоција (враќање) во Втората Светска група од Дејвис купот.
Лошото време и дождот направи многу проблеми на организаторите, па не беше реализирана целата програма – мечот во двојки не се одигра, откако македонските тенисери ги добија сингл мечевите.
Во првиот меч Калин Ивановски го совлада Александре Бакши со 2-0 во сетови (75 62), за потоа Олег Приходко со пресврт да стигне до победа во мечот со Саба Пурцаладзе со 2-1 во сетови (67(4) 61 63). Од причина што имаше долг прекин поради дождот и победникот беше решен, мечот во двојки не се одигра.
Македонија го освои второто место во групата, зад Молдавија, а пред Грузија и Косово.
Утре во дуелот за промоција – пласман во Втората Светска Група македонските тенисери ќе играат против Црна Гора.
Резултати на дуелите од 3.коло: Македонија – Грузија 2:0 и Молдавија – Косово 3:0 (Б група); Летонија – Република Ирска 2:0 и Црна Гора – Азербејџан 2:0.
Табела А група: Летонија 3/0 (победи-порази), Црна Гора 2/1, Република Ирска 1/2, Азербејџан 0/3.
Табела Б група: Молдавија 3/0, Македонија 2/1, Грузија ½, Косово 0/3.
Во сабота играат Молдавија – Летонија формален меч за првото место, двете репрезентации изборија „промоција; Македонија – Црна Гора победникот од дуелот ќе го освои третото место и промоција во Втората Светска група.
Грузија – Азербејџан и Република Ирска – Косово се мечевите за пласман, победниците ќе изборат опстанок во Третата група, а поразените „се селат“ еден ранг пониско.
Фото: Тениска федерација Молдавија