Стартна победа за македонскиот тенисер Калин Ивановски во квалификациите на Челинџер турнирот во Роверето, Италија. Тој во првата рунда од квалификациите попладнево го совлада Алексис Готие од Фрнација (осми носител во квалификациите) со 2-1 во сетови (63 57 64) за 2 часа и 15 минути на Челинџерот 100 во Роверето што се игра за награден фонд од 120.950 евра.
Првиот сет мина во целосна доминација на македонскиот тенисер, кој сетот го доби со 6:3 во гемови, притоа брејк направи во четвртиот гем за водство од 3:1 што успеа да го зачува до крајот на сетот. Следните два сета имаа многу повеќе неизвесност.
Во вториот сет Готие направи брејк и поведе со 4:2 во гемови, но следуваше „ри-брејк“ на Калин во следниот гем за 4:3, а потоа изедначи и на 4:4. Сепак во 12.гем од сетот Французинот направи уште еден брејк за 7:5 во гемови и 1-1 во сетови.
Решавачкиот сет не почна добро за македонскиот тенисер, особено што Готие на претходните два гема додаде уште три со еден брејк и водство од 3:0 во гемови. Но, тука на сцена стапи Ивановски и ја „врати“ серијата од пет гема што значеше водство од 5:3 во решавачкиот сет, кој на крајот го комплетираше со 6:4 и пласман во финалето од квалификациите на Челинџерот во Роверето.
Во утрешниот меч негов ривал ќе биде Богдан Павел од Романија, кој денеска со 2-0 во сетови (76(5) 63) го совлада првиот носител од квалификациите Егор Герасимов од Русија.