Победа на стартот за Јанев на ЕП (до 16 години) во Парма

September 23, 2024

Македонија на Европското првенство што денеска почна во Парма, Италија за тенисери и тенисерки до 16 години ја претставуваат: Кристијан Јанев и Максим Треневски кај момчињата и Миа Спировска и Ива Велковска кај девојчињата. Заедно со нив е и селекторот за оваа возраст тенисери Андреј Исаиев.

Успешен старт имаше Кристијан Јанев, кој со 2-1 во сетови (62 67(4) 60) го победи Давит Похосјан од Ерменија и во следната рунда ќе игра со победникот од мечот меѓу Кен Инк (Естонија) и Жига Шешко (Словенија). Максим Треневски во првото коло е поразен од Омер Шамиан од Израел со 2-0 во сетови. Девојките се поразени во стартното коло. Миа Спировска загуби од Камила Черноусова од Летонија со 2-0 во сетови, а со истиот резултат Ива Велковска беше поразена од Ванеса Влахова од Бугарија.

Во конкуренција на двојки Јанев и Треневски во првото коло за противници ги имаат Леонардо Љубичиќ и Лени Пети од Монако, додека Спировска и Велковска ќе играат против врсничките од Италија Илари Пистола и Вирџинија Проиети.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани