Две полуфиналиња за Сара Митевска на турнирот во Аликанте

August 22, 2024

Младата македонска тенисерка Сара Митевска успеа да се избори за две полуфиналиња на турнирот во Аликанте, Шпанија од категорија 1 што се игра на Академијата Ферер. Таа со денешните победи во четвртфиналните мечеви во двете конкуренции се избори за два полуфинални меча, кои се утре на програмата.

Во поединечна конкуренција македонската тенисерка Сара Митевска, ја совлада втората носителка Марија Валентна Поп од Романија со 2-0 во сетови (64 63). Ривалката во моментов се наоѓа на четвртата позиција на ранг листата на Tennis Europe.

Инаку, Сара на убедлив начин стигна и до денешното четвртфинале откако со 2-0 во сетови забележа победи и во мечевите од првите две кола. На стартот ја совлада Шпанката Адел Фернандез Де Валдерама со 6:4 и 6:3 во сетови, а во следната рунда беше убедлива против Британката Ана Борон со само еден загубен гем 6:1 и 6:0.

Успешните настапи во сингл Сара ги надополни со победите и во конкуренција на двојки заедно со Британката Софија Тејту. Во првата рунда беа слободни, а во втората ги совладаа Ана Борон и Вануса Ведри Есперидиаро од Шпанија со 7:5 и 6:0 во гемови, а во четвртфиналето ги совладаа петтите носителки Олимпија Јагодзинска од Полска и Марија Магро од Малта со 2-0 во сетови (62 61) и ги очекуваат противничките во полуфиналето.

Утре во полуфиналето во сингл Сара Митевска ќе игра против Ајше Бал од Турција (трета носителка и 17.та на ранг листата), која со 2-0 во сетови ја победи Британката Тејту.

Линк до турнирот

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани