Шевченко: Македонија пред нов голем предизвик во Дејвис купот

June 14, 2024

Дејвис куп репрезентацијата на Македонија деновиве на терените на ТК Југ одработува дел од подготовките за годинашниве натпревари од Трета европска зона од Дејвис купот. Нашиот национален тим во недела заминува за Улцињ, каде ќе се играат мечевите.

  • Оваа година седум репрезентации заедно со Македонија ќе бидат дел од мечевите во Улцињ. Во недела патуваме, а таму ќе ги имаме и завршните подоготовки. Покрај Македонија ќе настапат: Словенија и Кипар (како први носители), Македонија и Молдавија (втори носители), а во третата група се домаќинот Црна Гора, Азербејџан и Косово. Седумте репрезентации ќе бидеме поделени во две групи. Ќе се обидеме да постигнеме максимален резултат, влез во Втората Евро-африканска зона. Лани повредите не спречија, изјави селекторот (во тенисот капитен) Горан Шевченко.

Македонија оваа година ќе настапи ослабена, без најдобриот играч Калин Ивановски, кој пред некој ден имаше операција на колкот и се опоравува.

  • Очекувам пред се добри игри и добар настап на Македонија. Дали ќе биде опстанок или промоција (влез) во Втората зона важно е да постигнеме добри резултати. Македонија ќе настапи во состав: Шендрит Деари, Димитар Грабул, Берк Бугариќ и Амар Хусеиновиќ. Моја желба е да бидеме во група со три репрезентации. Така со еден добиен меч ќе имаме обезбедено опастанок, а воедно ќе имаме и уште два меча за пласман во повисок ранг. Предноста на групата со три репрезентации е што има еден ден за одмор, но сметам дека ние сме подготвени, истакна Шевченко.

Најмлад во нашиот тим е Амар Хусеиновиќ, кој минатата година го имаше своето деби за Македонија на мечевите на Кипар.

  • Мислам дека сега сме добро подготвени и физички и психички и дека можеме да одиграме добри мечеви, а со тоа да имаме и добри резултати, истака Хусеиновиќ.

Седумте репрезентации кои ќе играат во Улцињ ќе бидат поделени во две групи. Трите најдобри селекции ќе се пласираат ранг повисоко, додека две најслаби ќе испаднат од Третата Европска зона. Двете првопласирани репрезентации од групите ќе обезбедат пласман, како и победникот во баражот на второпласираните селекции од групите. Третопласираните национални тимови од групите ќе играат бараж меч и победникот ќе избори опстанок, а поразениот ќе испадне заедно со четвртопласираната репрезентација од групата.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани