Ѓорческа поразена во сингл на фјучрсот во Копер

April 18, 2024

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот во поединечна конкуренција на ИТФ фјучрс турнирот W75 Копер. Поуспешна од неа во второто коло беше Дебора Киеса од Италија, која триумфираше со 2-0 во сетови (64 64) за 1 час и 46 минути игра. Ова за Киеса е втора победа над Ѓорческа во неколку месеци.

Трите брејка на Италијанката се покажаа решавачки за победата, бидејќи Ѓорческа имаше само еден брејк.

Во првиот сет македонската тенисерка имаше постојано водство од еден гем се до резултатот 4:3 во гемови, кога ривалката успеа да изедначи, а потоа и да направи брејк во 9.тиот гем што се покажа како клучно бидејќи сетот го освои со 6:4. Во вториот сет ривалката на Ѓорческа почна со водство од 2:0 во гемови, кое го одржуваше и потоа дојде до резултат од 5:2, но Лина успеа да освои два гема по ред, но немаше можност за пресврт во сетот, кој заврши со 6:4 за Киеса.

За пласманот во второто коло Ѓорческа ќе освои 9 поени.

Нашата тенисерка денеска треба да одигра и меч во конкуренција на двојки – четвртфинале каде заедно со Романката Кристина-Андреа Миту за противнички ги имаат Ивана Себестоба од Чешка и Анастасија Константиновна Соболева од Украина. Одригувањето на мечот е неизвесно од причина што денешната програма поради дожд е прекината.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани