БЏК куп: Македонија во група со Хрватска и со Естонија

April 7, 2024

Женската репрезентација на Македонија од утре ќе ги стартува мечевите од Втората Евроафриканска зона што се играат во Вилнус, Литванија. На денешната ждрепка Македонија за ривали ги доби селекциите на Хрватска и на Естонија и овие три селекции се дел од А групата.

Вкупно 11 репрезентации се дел од ова натпреварување, а поделени се во три групи. Во групата Б се селекциите на домаќинот: Литванија, Босна и Херцеговина, Израел и Мароко, а во групата Ц се: Египет, Грузија, Косово и Малта.

За годинашниве мечеви за нашата репрезентација селекторот Димитар Лабудовиќ ги повика: Лина Ѓорческа, Магдалена Стоилковска, Ива Данева, Ана Митевска и Теона Андова. Секоја победа за нашите девојки ќе биде добредојдена.

Првопласираните селекции од групите во „нова група“ ќе се борат за првите две места што значат промоција во Првата Евроафриканска зона, додека второпласираните и третопласираните истотака ќе формираат групи на „вторите“ и на „третите“ за пласман од 4 до 6.место, односно за пласман од 7 до 9 место.

Инаку фаворит број еден во Вилнус е селекцијата на Хрватска, која откако испадна лани од Првата зона „сака брзо“ враќање, па затоа во составот на нашиот следен противник се: Дона Векиќ (36.место), Петра Мартиќ (61), Антонија Ружиќ (207), Леа Бошковиќ (222) и Ива Приморац (490).

Македонија утре во мечот од 1.коло ќе игра против Естонија, која е предводена од ветеранката Каја Канепи (226.место на ВТА листа), но за репрезентацијата последен пат играла во 2015 година. Покрај неа во составот се Елена Малигина, Мален Нуди, Ингрид Нил и Лаура Рахнел.

Македонија и Естонија имаат одиграно еден меч досега во 1996 година во рамките на Втората Евроафриканска зона во Израел и победа од 2:1 има постигнато Естонија.

Почетокот на мечевите е во 12 часот по локално време или 11 по македонско време.

 

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани