Четвртфинале за Стоилковска во Египет

March 21, 2024

Македонската тенисерка Магдалена Стоилковска ја продолжи серијата победи на ИТФ фјучрот во Шарм Ел Шеик, Египет што се игра за награден фонд од 15.000 долари. По двете победи во квалификациите, нашата тенисерка постигна уште две победи односно денеска во мечот од второто коло ја совлада Италијанката Џулијана Бестети со 2-0 во сетови (61 75) за 1 час и 47 минути игра. Повторно подобрата реализација на брејк топките и донесе победа на македонската тенисерка исто како и во вчерашниот меч против првата носителка. Стоилковска имаше 54% реализација (7/13), Бестети 38% (3/8). Во бројот на поени беше 74:57 за Стоилковска која имаше еден ас сервис и три двојни сервис грешки.

Првиот сет по 1:1 во гемови, македонската тенисерка имаше серија од пет гема за водство од 1:0 во сетови. Во вториот сет имаше повеќе игра и по 1:1 противничката направи брејк, но Стоилковска изедначи веднаш на 2:2. Слично беше и подоцна по 4:3 за Бестети, нашата тенисерка изедначи 4:4. Првата меч топка Стоилковска не ја искористи во 10.тиот гем, кога ривалката изедначи на 5:5, но во 12.гем македонската тенисерка ја реализираше втората меч топка за 7:5 во гемови во вториот сет.

Утре во четвртфиналето Стоилковска ќе игра против полската тенисерка Дариа Куцер (25 години, 1106.место ВТА), која истотака беше дел од квалификациите на овој турнир. Куцер ја совлада во второто коло Ким Јуџин од Ј.Кореја со 2-0 во сетови (62 63).

Инаку, македонско-италијанската пресметка на турнирите денеска е без победник бидејќи Лина Ѓорческа поради повреда го предаде мечот од второто коло на Италијанката Дебора Киеса на ИТФ фјучрсот во Аламинос, Ларнака на Кипар. Ѓорческа го доби првиот сет со 6:2 во гемови, но потоа следуваше сетот, кој заврши со 6:0 за противничката, а по 3:0 во решавачкиот сет нашата тенисерка го предаде мечот.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани