Ѓорческа убедлива за пласман во полуфиналето

March 15, 2024

Лина Ѓорческа на убедлив начин стигна до полуфиналето на ИТФ турнирот во Аламинос, Ларнака на Кипар што се игра за награден фонд од 25.000 долари. Таа денес во четвртфиналето ја совлада младата тенисерка од Русија Ксенија Зајцева со 2-0 во сетови (62 62) за 97 минути игра. Нашата тенисерка имаше одлична реализација на брејк топките 4/6, а воедно не и дозволи на ривалката ниту еден брејк од девет шанси. Според бројот на поени беше 73:51 за Ѓорческа.

Првиот сет Ѓорческа „го отвори“ со водство од 2:0 и таа предност ја имаше до 4:2 во гемови, а потоа со уште два гема го заврши сетот со 6:2. Во вториот сет нашата тенисерка беше уште поубедлива и поведе со 4:0, а потоа само ја реализираше предноста и сетот повторно го заврши со 6:2 во гемови.

За пласман во финалето утре (почеток на мечот во 9 часот по македонско време или 10 по локално време) во полуфиналната пресметка нејзина противничка ќе и биде Италијанката Нурија Бранкачо (23 години, 240. то место ВТА) која со 2-0 во сетови (76(3) и 63) ја победи седмата носителка Кристина Дину од Романија.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани