Ѓорческа запрена во полуфиналето на фјучрсот во Ираклион

November 11, 2023

Најдобрата македонската тенисерка Лина Ѓорческа остана без финале на фјучрсот што се игра во грчкиот град Ираклион за награден фонд од 40.000 долари. Таа денеска во полуфиналето загуби од Екатерина Макараова од Русија со 2-0 во сетови (76(8) 63). За пласманот во полуфиналето нашата тенисерка освои 25 поени и за очекување е на новото рангирање да има подобрување на својата позиција на ВТА листата.

На почетокот на мечот двете тенисерки го освојуваа гемот на свој сервис до резултат 3:2, а во следниот гем Ѓорческа направи брејк и поведе со 4:2. Но, потоа следуваше серија од три гема на Макараова за водство од 5:4. Сепак сетот беше решен во тај брејк. Македонската тенисерка поведе со 4:2 и 5:3 на поени, но повторно со мини серија ривалката дојде до сет топка по водството од 6:5. Ѓорческа спаси две сет топки, но Макарова тај брејкот го заврши со 10:8 на поени.

Во вториот сет македонската тенисерка поведе со 1:0, но противничката имаше серија од пет гема и потоа водство од 5:1. Ѓорческа успеа да освои само два гема што беше недоволно за пресврт и Макарова сетот го доби со 6:3. Мечот траеше 1 час и 53 минути.

Двете тенисерки имаа по 11 брејк топки: Ѓорческа искористи 5, а Макарова 6.

По една недела пауза Лина Ѓорческа е пријавена за настап на фјучрс турнир во Валенсија од 20.ноември што ќе се игра за награден фонд од 100.000 долари.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани