Петто финале за Ивановски во 2023

July 29, 2023

Македонскиот тенисер Калин Ивановски (втор носител на турнирот) се избори за своето петто финале во 2023 година. Тој денеска во полуфиналето на фјучрсот во австрискиот град Крамсах го победи четвртиот носител Матис Ерар од Франција со 2-1 во сетови (46 62 62) за 2 часа и 15 минути. Ова е трето финале на Ивановски на турнири од овој ранг со награден фонд од 25.000 долари (победа во Скопје и пораз во Куршумлијска бања).

По трите победи во два сета во претходните три меча на овој турнир против домашни тенисери, Ивановски денеска мораше да игра три сета, особено откако го загуби првиот. Ерар на овој турнир стигна со својот најдобар ранг (341.место) и полуфинале на Челинџер 75 и поведе во мечот, благодарение што имаше две брејк топки, додека Калин имаше само една во првиот сет. По 2:2 во гемови на сервис на Ивановски, Ерар направи брејк и поведе со 3:2, но следуваше ри-брејк на Ивановски за 3:3. Но, Французинот пак стигна до предност откако направи уште еден брејк (но последен во мечот). Ерар го доби првиот сет со 6:4 во гемови.

Вториот сет му припадна на Ивановски со 6:2 во гемови. При резултат од 2:1 во гемови Ивановски направи брејк во четвртиот гем, а потоа и при резултат од 5:2 во осмиот гем имаше уште еден брејк за израмнување во сетови на 1:1. Во решавачкиот сет нерешено беше до 2:2, а потоа следуваше серија од четири гема за Ивановски со два брејка и 6:2 во гемови во решавачкиот сет. Притоа во тие четири гема скорот на освоени поени беше 12:3 за македонскиот тенисер.

Во текот на мечот Ивановски имаше 7 аса, а Ерар 2, а двајцата имаа по 3 двојни сервис грешки. Ивановски имаше и многу добра реализиација на брејк топките (5/7) 71%, а Ерар (2/8) 25%. Во вкупниот број поени скорот беше 89:72 за Ивановски.

Во финалето противник на Ивановски ќе му биде победникот од второто полуфинале Жерар Кампана Ли (Кореа), кој со 2-0 (76(4) 63) во сетови го совлада првиот носител Оливер Крафорд од САД.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани