Ѓорческа запрена во финалето на фјучрсот во Летонија

July 8, 2023

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа во своето 71.во финале во дубл не успеа да триумфира откако во завршниот меч на фјучрсот во Лиепаја, Летонија заeдно со Чагла Бујукакчај од Турција загубија од домашните тенисерки Дарја Семенистаја и Даниела Вајсман со 2-1 во сетови (64 26 и 10-3 на поени).

Ова за нашата тенисерка беше вкупно 71.во финале во конкуренција на двојки, а остана со 46 победи.

Првиот сет им припадна на домашните тенисерки со 6:4, откако до 3:3 немаше ниту еден брејк за потоа Семенистаја и Вајсман да го одземат сервисот на македонско-турската комбинација и со тоа се стекнаа со предност која резултираше со 6:4 на крајот од сетот. На стартот од вториот сет домашните тенисерки поведоа со 1:0 со брејк, но потоа Ѓорческа и Бујукакчај изедначија и по 2:2 направија серија од четири гема со што го добија вториот сет со 6:2 и се изборија за решавачки сет.

Сепак во третиот сет на поени летонските тенисерки Дарја Семенистаја и Даниела Вајсман беа поуспешни и сетот го добија со 10-3 на поени, откако по 2:2 направија серија од 8:1.

Нашата тенисерка за пласманот во финалето ќе добие 48 поени.

Нашата најдобра тенисерка од следната недела е пријавена за настап на ИТФ турнирот во Рим, кој почнува од понеделник.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани