Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во финалето на двојки заедно со Чагла Бујукакчај од Турција на фјучрсот во летонскиот град Лиепаја што се игра за награден фонд од 60.000 долари. Македонско-турската комбинација во полуфиналето ги победија третите носителки Џеси Ејнеј од САД и Елена Малигина од Естонија со 2-1 во сетови (63 36 10-6 на поени).
Ова за Ѓорческа ќе биде второ финале во дубл откако победи со Словенката Вероника Ерјавец на турнирот во Сплит.
Првиот сет го добија Ѓорческа и Бујукакчај со 6:3 во гемови. Предоста ја направија на почетокот на сетот со брејкот и водството од 3:0 и потоа имаа водство од 4:1; 5:2. Во вториот сет беше иста слика во однос на резултатот со тоа што противничките Ејнеј и Малигина поведоа со 3:0 и сетот го завршија со 6:3.
Во решавачкиот сет на поени беше изедначено до 3:3, кога и почна серијата на Ѓорческа и Бујукакчај од пет поени, а потоа имаа уште една помала серија од три поени за предност од 9:5 и потоа ја реализираа втората меч топка.
Утре во финалето ќе играат против домашните тенисерки Дарја Семенистаја и Даниела Вајсман, кои со 2-0 во сетови (75 и 62) ги победија вторите носителки Вивиан Хеисен од Германија и Валерија Страхова од Украина.