Младите Данева и Митевска ја потврдија убедливата победа над Азербејџан

June 20, 2023

Младите македонски тенисерки Ива Данева и Ана Митевска со победата во дублот ги потврдија максималните 3:0 за Македонија против Азербејџан во дуелот од второто коло од Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот што се игра во Скопје. Данева и Митевска ги совладаа Лала Еивазова и Улвија Сулејманова со 2-0 во сетови (60 60) за 31 минута.

Нашите тенисерки на топлото време многу добро функционираа како двојка и буквално секоја шанса ја користеа да освојат поен и со тоа и гем. Лесната и убедлива победа треба да им биде потстрек особено што денешниот противник овозможи Македонија да игра со комбиниран тим, а првиот наш „рекет“ Лина Ѓорческа да има ден одмор.

Инаку, во сингл мечевите Александра Симева ја победи Сулејманова со 2-0 во сетови (61 61), додека Магдалена Стоилковска беше убедлива против Еивазова со 2-0 во сетови (60 60).

Утре во дуелот од третото коло Македонија ќе игра против првиот носител од Б групата селекцијата на Финска. Финска во второто коло води со 1:0 против Молдавија и вториот сингл е во тек.

Фото: Денис Дуковски

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани