Ѓорческа ќе ја предводи Македонија на мечевите од Били Џин Кинг купот во Скопје

June 18, 2023

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ќе ја предводи женската репрезентација на Македонија на годинашниве мечеви од Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот што од понеделник до сабота (19-24.јуни) ќе се игра во Скопје на терените на ТК Југ. Селекторот Димитар Лабудовиќ покрај Ѓореческа во репрезентацијата ги има повикано и Магдалена Стоилковска, Александра Симева, Ива Данева и Ана Митевска.

Ѓорческа со својот ранг (232 место во сингл) е меѓу најдобрите пријавени тенисерки од 11-те репрезентации. За Ѓорческа ова е 4.то учество во рамките на ФЕД купот или по ново БЏК Купот. Стоилковска ќе го има петтото учество, а на ВТА листата е рангирана  како 1335-та со ИТФ ранг на 173.место. Другите три тенисерки во нашиот состав се јуниорки: Александра Симева (4.то учество, 18 години), Ива Данева (3.учество, 17 години) и Ана Митевска (15 години, дебитантка).

За натпреварувањето се пријавени 11 репрезентации, кои ќе бидат поделени во две групи (6 репрезентации и 5 репрезентации).

Извлекувањето на групите ќе се одржи во попладневните часови.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани