Во рамките од второто коло од Б групата од Третата европска зона македонските тенисери денеска во Ларнака, Кипар ќе играат против репрезентацијата на Молдавија, која според рангирањето е најслабата – 95 место, но станува збор за незгоден ривал што се потврди и во мечот од првото коло бидејќи само Молдавија постигна максимална победа од 3:0 против домаќинот Кипар.
Во првиот ден за Молдавија настапија двајцата прворагирани играчи: Александр Цозбинов (459 – сигл ранг и 575 – дубл ранг), кој четврта година игра во Дејвис купот и Илиа Снитари (508 – сингл ранг и 350 – дубл ранг), кој пак трета година е дел од молдавската репрезентација. Покрај овие двајцата во составот е уште Илие Казак, додека улогата на селектор и играч ја има Андреј Циумак. Двајцата се официјално без ранг.
Ова ќе биде седми меч на Македонија против Молдавија имаме скор од 4 победи и 2 пораза и сите мечеви завршиле со резултат 2:1. Пет од мечевите се играни во рамките на Третата зона, а само еден во 2021 година беше дел од Четвртата зона.
Досегашни мечеви Македонија – Молдавија:
1998 година / Македонија – Молдавија 2:1 (играно во Македонија)
2000 година / Македонија – Молдавија 1:2 (Мадагаскар)
2003 година / Македонија – Молдавија 2:1 (Летонија)
2017 година / Македонија – Молдавија 2:1 (Бугарија)
2021 година / Македонија – Молдавија 2:1 (Македонија)
2022 година / Македонија – Молдавија 1:2 (Црна Гора)
За денешниот ривал селекторот Горан Шевченко по триумфот вчера над Малта изјави:
- Молдавија е најкомпактната репрезентација тука во Ларнака на натпреварувањето. Но, очекувам пред се добар настап на нашите играчи. Знам дека ќе биде пак тежок меч.
Покрај мечот Македонија – Молдавија од Б групата на програмата е мечот Кипар – Малта, додека од групата А ќе играат Сан Марино – Црна Гора, а слободна е селекцијата на Естонија.