Со одигрувањето на полуфиналните мечеви денеска на терените на ТК Југ познати се финалистите на годинашниов Челинџер 75 Macedonian Open 2023. Тоа се Аргентинецот Франциско Комесана (петти носител) и Мате Валкуж од Унгарија кој од квалификациите стигна до финалето.
Комесана многу полесно без многу напор го совлада вториот носител Егениј Донској од Русија со 2-0 во сетови (6:3 и 6:1) за 80 минути. Мечот беше решен во првиот сет кој Комесана го доби со 6:3, притоа во деветтиот гем успеа и да спаси брејк топка. Во вториот сет Аргентинецот имаше целосна доминација и успеа да направи три брејка во првиот, третиот и седмиот гем со што го реши мечот за пласман во финалето.
На централниот терен голема борба се водеше во вториот сет на мечот меѓу Мате Валкуж и Драгош Мадарас од Шведска. Првиот сет Валкуж го доби со 6:2, притоа успеа да спаси брејк топка во осмиот гем. Вистинската борба се водеше во завршницата на вториот сет. Валкуж имаше брејк предност, но Мадарас успеа сетот да го донесе до 5:5 во гемови, за последните два гема да бидат решени со брејк и резлтатот да биде изедначен на 6:6. Во тај брекот по 2:2 во поени Унгарецот ја направи решавачката серија од четири поени, за потоа да ја освои втората сет и меч топка. Тај брекот Валкуж го доби со 7:3 на поени.
Финалето меѓу Валкуж и Комесана ќе игра утре по финалето во двојки.
Фото: Игор Паневски