Лина Ѓорческа и Калин Ивановски денеска ќе ги одиграат мечевите од првото коло на фјучрсот во Куршумлијска Бања во Србија. И двата турнира во машка и во женска конкуренција се од рангот фјучрс 25 (W25 и М25).
Прв на теренот ќе се појави Калин Ивановски, кој е рангиран како 7.носител и ќе игра против домашниот тенисер Матија Жугиќ (21 година, 1214 место АТП). Мечот е втор и се игра на теренот број 2 и нема да почне пред 10 часот. Микалаи Халиак од Белорусија е евентуалниот противник во второто коло.
Веднаш по овој дуел следи и мечот на Лина Ѓорческа (трета носителка) на истиот терен. Таа за ривалка ја има Илона Георгина Гиороирае од Романија (25 год, 390 место ВТА). Со евентуален триумф во второто коло противничка ќе и биде Јулие Струпалова од Чешка.
Ивановски денеска ќе го игра и првиот меч во конкуренција на двојки, каде со Мили Пољичак од Хрватска се рангирани како трети носители, а противници им се Габриел Гомез од Франција и Микалаи Халиак од Белорусија. Овој меч според распоредот треба да се игра на теренот број 3 во попладневните часови.