Младиот македонски тенисер Кристијан Јанев со успешниот настап и освојувањето на турнирот во Скопје направи скок на ранг листата на Tennis Europe за играчи до 16 години. Тој на турнирот Neotel Open за играчи до 16 години имаше двојна победа исто како и претходниот месец кога триумфираше на турнирот во Кавадарци.
Кристијан за да стигне до пехарот во поединечна конкуренција во петте меча загуби само еден сет (полуфинале), а во два меча беше убедлив и на доминатен начин стигна до победите. Во првата рунда откако беше слободен, во втората го победи Лука Миленковиќ од Австралија со 2-0 во сетови (61 60), а за пласман во четвртфиналето го победи Угљеша Ѓоковиќ (Србија) со 2-0 (75 61). Огнен Павловски од Македонија му беше ривалот во четвртфиналето и Кристијан победи со 62 и 60 во сетови, а најголема борба имаше за влез во финалето т.е. во полуфиналниот меч кога го совлада Лука Луковац од Црна Гора со 2-1 во сетови (60 26 62). Во финалето беше поуспешен од Милош Скориќ од Србија со 2-0 (75 62).
Во конкуренција на двојки Јанев заедно со Максим Тренески беа најсупешни, а резултатски „најлесно“ минаа во финалето со победата над тенисерите од Грција Константинос и Ставрос Јоанатос со 2-0 во сетови (62 62), претходно во првиот меч загубија пет гема, а во четвртфиналето мораа да играат и решавачки сет, додека во полуфиналето ги победија Бенџамин Хофман (Германија) и Лука Луковац (Црна Гора) со 2-0 во сетови (76 64).
Јанев настапува и на турнирите што се играат овие денови во Македонија за тенисери до 18 години, односно игра против ривали кои се повозрасни.