Македонскиот тенис во минатото во еден дел од својата историја беше дел и од југословенскиот тенис. Малку тенисери успеваа да бидат во таа конкуренција во водечките пет или десет тенисери во својата возраст. Во периодот од средина на 70-тите до почетокот на 90-тите еден од македонските претставниците како дел од ТК Југ беше Ѓурица Деспотовски. Тој заедно со дел од своите клупски колеги од својата генерација (Батев, Мишко Марковски, …) беше дел од успесите на клубот од Градски парк. Во поранешната држава Деспотовски, имаше рангиран и во ТОП 5, а имаше и неколку повици да биде дел од младинските репрезентации на поранешна Југославија.
За денешната позиција на македонскиот тенис Деспотовски вели:
- Има позитивни моменти во македонскиот тенис, пред се тука сметам на активноста во минатата година која беше максимално исполнета со настани (турнири). Актуелното раководство на федерацијата го „бутка“ вториот мандат, но треба да се има в предвид дека во првите четири години имаше условен „застој“ поради пандемијата со корона вирусот кога спортските активности беа ограничени. Но, сега федерацијата треба да биде „вистински“ активна. Одржувањето на сениорските турнири во Скопје беа вистинска промоција на македонскиот тенис. Она што навистина недостасуваше во последните години. Ова е знак дека тенисот во Македонија е на вистинска патека, со тоа што сега е момент да се направи промоција и на тенисот во младинските категории.
Како поранешен тенисер, неизбежно е постојано да биде во тек со тениските случувања.
- Потребно е да се направи многу подобра врска, клуб-играч-тренер-федерација. Воедно тука сметам дека треба да се има многу подобра контрола над тренерите за да може младите играчи да напредуваат. Ова го велам дека исклучително важно за напредокот на младите тенисери се тренерите. Потребен е попрофесионален пристап од мали нозе за младите играчи. Во работата со младите тенисери потребни се фитнес тренери, медицински прегледи, кои се предностите, кои се „маните“, едноставно тука мора да се вистински „скен“ за секој играч. Воедно и федерацијата треба да биде „тука“ и да го помага развојот на младинскиот тенис, зборува Деспотовски.
За популаризацијата на тенисот потребна е и поголема промоција.
- За да имаме напредок во тенисот треба да имаме и поголема медиумска промоција, да биде тенисот присутен и на социјалните мрежи. Сметам дека имаме услови да бидеме на вистинските патеки за напредок на македонскиот тенис. Имаме и добри предводници во машкиот тенис тоа е Калин Ивановски, додека кај жените Лина Ѓорческа. Треба да се искористи моментот на нивните резултати, заврши Деспотовски.
Додека разговаравме со Ѓурица за тенисот зборуваше со многу љубов, како да е секојдневно со македонскиот тенис, иако поради професионалните обврски тоа не му го овозможуваат. Знаеше да додаде дека работата на тренерите е секогаш важна.
Инаку, Деспотовски ги потврди веќе познатите факти за македонскиот тенис, дека за да можел да тренира во зима морал да го чисти теренот кога имало снег. Исто како и тоа дека последниот меч го одиграл во двојки заедно со Зоран Шевченко (кога настапувал повреден), но желбата да биде на теренот и дел од својот клуб било посилно и од се.
Деспотовски (во црвена маица) заедно со Стефан Едберг – поранешен тенисер број 1 во светот