Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (3.носителка) успеа да се пласира во четвртфиналето на фјучрсот во грчкиот град Ираклион на Крит откако во второто коло ја победи Шпанката Андреа Лазаро Гарсија со 2-0 во сетови (75 60) за еден час и 35 минути игра. Таа утре ќе игра против Романката Кристина Дину, која со 2-1 во сетови (62 (7)67 64) славеше победа над сонародничката Александра Игнатик во меч што траеше без малку четири часа.
Во меѓусебните мечеви скорот е 3:2 за Ѓорческа, која има победи на последните три меча.
Во првиот сет Гарсија поведе со 2:0 во гемови, а по 2:2 ниту една од тенисерките немаше предност од два гема (3:3; 4:4; 5:5). Во 11.тиот гем Ѓорческа направи брејк и поведе со 6:5, а во следниот гем по 0/30 освои четири поени во низа и ја искористи првата сет топка за 7:5 и водство од 1-0 во сетови. Во вториот сет Ѓорческа немаше проблеми со противничката и нејзината игра и сетот го доби со 6:0.
Во текот на мечот Ѓорческа имаше 2 ас сервиса и 8 двојни сервис грешки (само една во вториот сет). Нашата тенисерка реализираше 7 брејк топки од 13 можности, а Гарсија имаше реализација 3/5. Во вкупниот број поени скорот беше 69:53 за Ѓорческа (24:11 втор сет).