Ѓорческа ја мина првата пречка на фјучрсот во Куршумлијска Бања

September 25, 2024

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со победа го почна настапот на ИТФ фјучрсот W75 Куршумлијска Бања. Таа во втората рунда (беше слободна во првото коло бидејќи е 13-та носителка) ја победи Германката Луиса Мејер ауф дер Хеиде со 2-0 во сетови (76(5) 60) за нешто повеќе од 90 минути.

Во првиот сет се водеше голема борба. Ѓорческа поведе со 4:1 во гемови, но потоа ривалката направи серија од четири гема за водство од 5:4. Сепак Ѓорческа освои два гема за водство од 6:5, а потоа стигна и изедначувањето од 6:6 и сетот беше решен во тај брејк. Во 13-тиот гем Лина имаше две серии по два понеа што се покажа како клучно за 7:5 на поени и водство од 1:0 во сетови.

Во вториот сет Ѓорческа направи три брејка од четирите можности, а на противничката и дозволи да освои само 10 поени, од кои четири во последниот гем и со 6:0 македонската тенисерка го доби вториот сет и мечот.

Во следната рунда (осминафинале) македонската тенисерка ќе игра против првата носителка Пана Удварди од Унгарија (25 години, 135.место на ВТА листата). Ова ќе биде втор меѓусебен дуел, а во првиот Ѓорческа пред две години оствари победа од 2-0 во сетови.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани