Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (3 носителка) на импресивен начин со убедлива победа од 2-0 во сетови (61 60) и само еден загубен гем избори пласман во полуфиналето на фјучрс турнирот во грчкиот град Ираклион на Крит. Таа во шестиот меѓусебен меч по четврти пат ја совлада Кристина Дину од Романија. Ѓорческа утре ќе го игра своето седмо полуфинале во 2023 година.
Статистички македонската тенисерка имаше 4 ас сервиси, наспроти еден на Дину, а Лина имаше и 7 двојни сервис грешки, а Ромнката 6. Ѓорческа направи шест брејка од 11 можности, а противничката 1 од две можности. Во вкупниот број поени скорот беше 58:31 за македонската тенисерка.
Самиот меч почна со брејк на Дину и водство од 1:0 пред се како резултат на двете двојни сервис грешки на Лина, која подоцна направи неверојтна серија од 12 гема и со тоа го доби мечот на убедлив начин.
Утре во полуфиналето противничка ќе и биде Русинката Екатерина Макарова (2 носителка), која денеска ја победи Кристина-Андреа Мицу од Романија со 2-0 во сетови (76(5) 62). Ѓорческа и Макарова имаат одиграно еден меч, минатата година во финалето на фјучрсот во Ираклион, а победи Макарова по голема борба и меч во три сета 2-1 (64 57 75).
Во второто полуфинале на турнирот ќе играат Бренда Фрухвиртова (1 носителка, Чешка) и Леире Ромеро Гормаз од Шпанија.