Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со победа во двојки го стартуваше турнирот во летонскиот град Лиепаја. Таа заедно со Чагла Бујукакчај од Турција вчера ги победија домашните тенисерки Маргарита Игнатјева и Ана Озерова со 2-1 во сетови за 91 минута.
Првиот сет им припадна на домашните тенисерки со 6:4 во гемови, Ѓорческа и Бујукакчај имаа водство од 4:2, но противничките наравија серија од четири гема. Во следниот сет беше 6:4 за македонско-турската комбинација, кои брејкот го направија во седмиот гем кога поведоа со 4:3 и предноста ја зачуваа до крајот.
Во решавачкиот сет на поени беше 11:9 за Ѓорческа и Бујукакчај кои сетот го завршија со пет од последните шест поени во нивна корист. Во следното коло ќе играат против првите носителки Џеси Ромпиес од Индонезија и Оливија Тџандрамулиа од Австралија.
Македонската тенисерка денеска во рамките од второто коло (во првото беше слободна) игра против Франческа Цурми од Малта (20 години, 341 место ВТА листа). Мечот е предвиден како втор на теренот број 4.