Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа со победа го почна настапот на ИТФ фјучрс турнирот што се игра во Трнава. Таа во првото коло ја совлада тенисерката од Русија Полина Кудерметова со 2-0 во сетови (64 64) за 96 минути игра. Решавачки за триумфот беа искористените брејк топки Ѓорческа имаше одлична реализација 6/7, додека противничката мечот го заврши со 4/9.
Македонската тенисерка многу добро го почна мечот и поведе со водство од 2:0 во сетови, а потоа имаше предност од 4:1 и 5:2, но ривалката намали на 5:4. Сепак Ѓорческа собра сили и го освои 10.тиот гем во првиот сет откако имаше серија од четири поени во низа. Во вториот сет повторно добар почеток за Лина која поведе со 3:1 во гемови, Кудерметова направи пресврт и имаше водство од 4:3. Решавачкиот гем за сетот и за мечот беше осмиот во вториот сет на сервис на Ѓорческа, која успеа да спаси две брејк топки и откако изедначи на 4:4 во гемови потоа буквално „ја збриша“ противничката освојувајќи ги сите осум поени до крајот на мечот, односно направи скор од 8:0 во поени во последните два гема.
Во второто коло Ѓорческа ќе игра против победничката од мечот на првата носителка Маи Хонтама (Јапонија) и Радка Зелничкова (Словачка). Овој меч се игра утре – среда.