Македонската тенисерка Лина Ѓорческа во меч од 2. коло на ИТФ фјучрсот во Аламинос, Ларнака на Кипар оствари важна победа во меч што траеше повеќе од 2 часа и 30 минути и со 2-1 во сетови (63 36 75) ја совлада квалификантката од Италија Матилде Паолети (21 год., 631 ВТА). За одбележување е тоа што македонската тенисерка мечот го заврши со две двојни сервис грешки и еден ас, додека ривалката имаше осум двојни сервис грешки без ниту еден ас. Во вкупниот број поени скорот беше 101:87 во корист на Ѓорческа. Нашата тенисерка имаше шест искористени брејк топки од десет можности, а Паолети 5/11.
Првиот сет го доби Ѓорческа со 6:3 во гемови. Противничката поведе со 1:0, па следуваа два гема за Ѓорческа, но набрзо беше 3:2 за Паолети. Сепак во продолжение на сетот македонската тенисерка направи серија од четири гема за водство од 1:0 во сетови. Во вториот сет Италијанката имаше водство од 4:0 и 5:1, Ѓорческа намали на 5:3, но сетот и припадна Паолети. Следуваше решавачкиот трет сет, кој почна со водство на Италијанката од 2:0 во гемови, но Ѓорческа изедначи на 2:2. Предност од еден гем Паолети имаше до деветтиот гем кога поведе со 5:4. Но, потоа следуваше најдобриот дел од мечот за Ѓорческа која ги доби следните три гема. Во десеттиот гем изедначи на 5:5 без загубен поен, во следниот направи брејк откако противничката имаше водство од 40/15, а мечот го заврши во 12. гем со серија од четири поени. Во последните три гема од 17 поени, Паолети освои само четири.
Во следното коло (четвртфинале) Ѓорческа ќе игра против Русинката Ксенија Зајцева (19 години, 439. ВТА), која денес ја совлада првата носителка Нома Нохе Акуге од Германија со 2-1 во сетови (63 57 63). Зајцева е во серија од седум победи на ИТФ турнирите откако претходната недела ја заврши со триумф на турнирот во Ираклион на Крит.