Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на фјучрс турнирот во чешкиот град Оломуц. Таа денеска во мечот од второто коло загуби од домашната тенисерка Тереза Валентова (16 години) со 2-0 во сетови (75 76 (11)). Противничката на турнирот настапува со вајлд карта.
Ѓорческа добро го почна првиот сет и по пет одиграни гема водеше со 4:1, а потоа и со 5:2. Но, до крајот на првиот сет нашата тенисерка не успеа да освои ниту еден гем и сетот го загуби со 7:5. Притоа во деветтиот гем не искористи брејк и сет топка за 6:3, па противничката намали на 4:5. Во вториот сет продолжи серијата на Валентова и на петте гема од првиот додаде уште три во вториот за осум освоени гема во низа и водство од 3:0 во вториот сет. Сепак македонската тенисерка успеа да изедначи, а потоа и да поведе со 5:4 и во десетиот гем сервираше за изедначување, но чешката тенисерка пак направи брејк за 5:5. Во 12.тиот гем Ѓорческа не дозволи меч топка и успеа да изедначи на 6:6 што значеше тај брејк.
Во играта на нерви во тај брејкот беа одиграни 24 поени. Валентова поведе со 3:0 во поени, но Ѓорческа со серија од 5-1 имаше водство од 5:4, а потоа и сет топка при резултат 6:5. Веднаш потоа и Чехињата при 7:6 имаше и меч топка што не ја искористи. Следуваа уште две сет топки за нашата тенисерка при 8:7 и 9:8, но не се избори за трет сет. Сепак ниту Валентова не стигна брзо до реализација откако ја искористи дури четвртата мел топка и тај брејкот го доби со 13:11.