Македонската тенисерка Лина Ѓорческа со победа го заврши настапот на фјучрсот во Куршумлијска Бања, Србија. Таа во финалето на фјучрсот што се играше за награден фонд од 40.000 долари ја победи Антонија Ружиќ од Хрватска (20 год., 300 место на ВТА) со 2-0 во сетови (63 63) за еден час и шест минути игра. Ѓорческа со тоа ја оправдата улогата носителка (број 5) на турнирот. Ова е прва титула за македонската тенисерка во 2023 година во своето четврто финале, претходно ги загуби мечевите во Талин (Викмаер), Осиек (Тодони) и Куршумлијска Бања (Авдеева). Ѓорческа по 13.ти пат победи во сингл конкуренција.
Во мечот Ѓорческа имаше 5 ас сервиси со 8 двојни сервис грешки , но и извонредна искористеност на брејк можностите 6/7, за разлика од противничката која имаше 3/9.
Во првиот сет двете тенисерки почнаа со брејкови и Лина прва освои гем на свој сервис за 3:1, но Ружиќ изедначи на 3:3. Во продолжението следуваа три гема за Ѓорческа која го доби првиот сет со 6:3. И вториот сет заврши со истиот резултат во гемови, но со поинаков тек. По 1:0 за Ружиќ, Ѓорческа освои пет гема, а противничката само еден и така македонската тенисерка имаше водство од 5:2, а во деветтиот гем на свој сервис ја искористи првата меч топка.
За победата на фјучрсот Ѓорческа ќе освои нови 70 поени, со можност веќе на следното рангирање утре да се пробие повторно во првите 200 тенисерки на ВТА листата. Во текот на следната недела македонската тенисерка ќе нема настап, а по 9.октомври е пријавена за фјучрс турнир во Италија.