Македонската тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во финалето на скопскиот фјучрс „Триглав опен“ откако денеска во второто полуфинале загуби од Ива Приморац од Хрватска со 2-0 во сетови (64 76 (5)) за 1 час и 57 минути игра. Приморац утре во финалето ќе игра против Дејана Радмановиќ од Србија која со 2-1 во сетови (36 76(2) 63) ја победи Јустина Микулските од Литванија.
Во првите четири гема од почетокот на мечот двете тенисерки успеваа да направат брејк, а 3:2 поведе Приморац откако го доби гемот на свој сервис. Но, потоа следуваа два гема за Ѓорческа и водство од 4:3. Клучен гем во првиот сет беше осмиот на сервис на Ѓорческа. Беа одиграни 18 поени, а Ѓорческа испушти три можности да поведе со 5:3, а Приморац откако изедначи на 4:4 ги доби следните два гема и со 6:4 поведе со 1:0 во сетови.
Во вториот сет Приморац имаше предност од 3:1 во гемови кога македонската тенисерка направи серија од три гема и поведе со 4:3 и во следниот осми гем повторно беше на сервис. Проблемот со сервисот продолжи и во овој гем на сервис на Ѓорческа, па Приморац изеначи на 4:4, потоа и поведе со 5:4. Следниот гем на сервис на Ѓорческа беше без проблеми со два аса за Македонката за 5:5. Возбудувањата продолжија до крајот на сетот. Ѓорческа прави брејк за 6:5, но во 12.тиот гем има и две двојни сервис грешки (вкупно 13 на мечот) ,па Приморац се избори за 6:6 и тај брејк. Хрватската тенисерка почна добро и поведе со 5:1, а потоа имаше предност и од 6:3, со два добри сервиси Ѓорческа спаси и две меч топки, но следниот поен, при една топка имаше реакција на линиски судија за аут и поен за македонската тенисерка, која сепак во духот на фер плејот призна дека е „добра топка“ што значеше 7:5 на поени во тај брекот за Приморац и победа во полуфиналето.
Ова беше прва победа за Приморац против Ѓорческа во нивниот четврти меѓусебен дуел.
Почетокот на финалето Приморац – Радановиќ е утре во 11 часот.
ФОТО: Игор Паневски