Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во полуфиналето на ИТФ W75 турнирот во Трнава. Таа денеска го загуби четвртфиналето од осмата носителка Вероника Ерјавец од Словенија со 2-0 во сетови (63 64) за 90 минути игра.
Во првиот сет од четвртфиналето ривалката на Ѓорческа, Ерјавец имаше предност откако поведе со 2:0 во гемови, а македонската тенисерка успеваше да изедначи на 2:2 и 3:3, по што следуваше серија од три гема за Словенката која го доби првиот сет со 6:3 во гемови. Во вториот сет Ѓорческа имаше одличен почеток и водство од 3:0 во гемови, но потоа следуваше период на проблеми со сервисот и во следните два гема кога сервираше направи четири двојни сервис грешки, а тоа и овозможи на Ерјавец да изедначи на 3:3, а потоа и да поведе со 4:3. Лина успеа да изедначи на 4:4, но следните два гема и припаднаа на Ерјавец која го доби вториот сет со 6:4 во гемови.
Во мечот Ѓорческа имаше 4 брејка од 7 можности, а противничката 7/9.
За пласманот во четвртфиналето на овој турнир Ѓорческа освои 16 поени.