Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (трета носителка) со триумф го стартуваше фјучрсот во грчкиот град Ираклион на Крит. Турнирот се игра за награден фонд од 40.000 долари.
Македонската тенисерка во првото коло ја победи квалификантката од Германија Ана Габриќ со 2-1 во сетови (26 62 75) во меч што траеше два часа и шест минути. Двете тенисерки мечот го завршија со по 5 двојни сервис грешки, а Ѓорческа го имаше единствениот ас во мечот. Нашата тенисерка имаше подобар процент на искористени брејк топки 7/9, а притоа успеа и да спаси 8 брејк топки и ривалката мечот го заврши со 6/14. Македонската тенисерка освои и три поени повеќе 85:82.
Првиот сет почна со водството на Ѓорческа од 1:0 и 2:1 во гемови, но следните пет и припаднаа на Германката Габриќ, која успеа да го добие сетот со 6:2. Во тие пет гема македонската тенисерка освои само осум поени. Но, сосема спротивна слика на стартот од вториот сет. Ѓорческа поведе со 5:0 во гемови и во овие пет гема загуби само седум поени. На крајот од сетот резултатот беше 6:2 за македонската тенисерка.
Во решавачкиот сет Ѓорческа поведе со 2:0, но следуваше изедначување на 2:2 и потоа 3:3 и 4:4, па Габриќ поведе со 5:4. Во следните три гема македонската тенисерка на противничката и препушти само шест поени и при резултат од 6:5 во гемови успеа да спаси две топки за тај брејк во решавачкиот сет.
Утре во второто коло Ѓорческа ќе игра против Андреа Лазаро Гарсија (Шпанија, 29 години, 401 место ВТА) која со 2-0 во сетови (75 63) ја победи Елени Кристофи од Грција.