Ѓорческа не ја мина втората „пречка“ во Трнава

February 29, 2024

Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во четвртфиналето на ИТФ фјучрс турнирот во W50 Трнава што се игра за награден фонд од 40.000 долари. Таа денес во мечот од второто коло загуби од 18-годишната тенисерка од Филипини Александра Еала (180.место) со 2-0 во сетови (64 62) за 85 минути игра.

Во првиот сет имаше само еден брејк и го направи Еала во 10.тиот гем од сетот кога успеа по 14 одиграни поени да стигне до посакуваното водство од 1:0 во сетови. Притоа Ѓорческа не искористи пет топки за да изедначи на 5:5 во гемови. На почетокот на вториот сет нашата тенисерка имаше можност да направи брејк за водство од 1:0, но не успеа, а потоа втората брејк топка не ја искористи во седмиот гем од вториот сет и ривалката поведе со 5:2. Инаку и вториот сет беше изедначен до 2:2 во гемови, за потоа да следи серијата од четири гема за Еала.

Ѓорческа со пласманот во второто коло ќе освои нови шест поени.

За следната недела нашата тенисерка е пријавена за настап на уште еден турнир во Трнава, од рангот W75 Трнава и засега е во групата на тенисерки кои ќе треба да играат квалификации.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани