Македонската тенисерка Лина Ѓорческа (6,носителка) избори пласман во четвртфиналето на фјучрс турнирот во Рим што се игра за награден фонд од 60.000 долари. Таа денеска во мечот од второто коло ја совлада Жибек Куламбајева од Казахстан со 2-1 во сетови (46 62 63) за 2 часа и 7 минути. Двете тенисерки имаа проблеми со освојување гемови на свој сервис, па така од 27 гема имаше дури 16 брејка (9 Ѓорческа и 7 Куламбајева).
Првиот сет почна добро за македонската тенисерка, која поведе со 2:0, но брзо ја изгуби предноста бидејќи противничката имаше серија од четири гема за водство од 4:2. Ѓорческа успеа да изедначи на 4:4, но тенисерката од Казахстан ги освои следните два гема и го доби сетот со 6:4. И во вториот сет резултатот беше 2:2 во гемови, но потоа следуваше серија од четири гема за Ѓорческа која го доби сетот со 6:2 и изедначи на 1:1. Решавачкиот сет почна со водство на Куламбајева од 1:0 по брејкот, но македонската тенисерка не дозволи противничката да се „одлепи“ и по 3:3 направи серија од три гема и го доби сетот со 6:3 и со тоа и мечот со 2:1 во сетови.
Утре во четвртфиналето Ѓорческа ќе игра против Сеоне Мендез (Австралија) која се пласира во следната рунда откако Далила Спитери (Италија) го предаде мечот при водство од 62 и 10 во сетови на противничката.