Ѓорческа елиминирана од првата носителка на турнир во Франција

January 29, 2025

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа е елиминирана во првото коло на ИТФ фјучрсот W75 што се игра во францускиот град Андрезио-Бутеон. Таа загуби од првата носителка домашната тенисерка Жесика Понше со 2-0 во сетови (64 61) за еден час и 4 минути игра. Турнирот се игра за награден фонд од 60.000 долари.

Мечот имаше два различни сета. Во првиот сет имаше повеќе борба и изедначен тек. Французинката Понше поведе со 3:1 во гемови, а Лина успеа да изедначи на 3:3 и во седмиот гем не успеа да реализира брејк-топка за 4:3. Во продолжение на сетот Понше поведе со 5:3, а Ѓорческа со брејк намали на 5:4. Во гемот број 10 македонската тенисерка успеа да спаси една сет топка, но не и втората што значеше 6:4 во гемови и 1-0 во сетови за домашната тенисерка.

Во вториот сет голема борба имаше во вториот гем, кој по 12 поени и припадна на Французинката за водство од 2:0, со што само го најави освојувањето на овој сет, а воедно и победа во мечот.

Во текот на следната недела Ѓорческа ја очекува настапа на фјучрс турнир во Полска.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани