Непријатен пораз за македонската тенисерка на стартот од „Триглав опен“ во Скопје. Таа и Деа Херџелаш од Босна и Херцеговина загубија од грчката комбинација Елени Христофи и Димитра Павиоу со 1-2 во сетови (36 62 7-10 на поени). Мечот кој почна подоцна во попладневните часови заврши откако почна да се спушта мрак на терените на ТК Југ во Градски парк. За Ѓорческа останува сега само сингл конкуренцијата и првиот меч од второто коло против Унгарката Лука Удварди кој ќе се игра утре.
Големиот број мечеви и нивната должина беше причина мечот да почне подоцна, па така Ѓорческа беше единствената од четирите тенисерки која денеска не играше и можеби паузата и чекањето го напарвија своето. Првиот сет им припадна на тенисерките од Грција со 6:3 во гемови. Сепак Лина и Деа се изборија за решавачкиот сет откако вториот сет го добија со 6:2, иако почна со негатива од 0:1.
Во решавачкиот сет на поени беше со многи промени на водството, а Ѓорческа и Херџелаш поведоа со 7:6 на поени, но потоа следуваа серија од пет поени на грчките тенисерки за конечни 10:7 и пласман во следната рунда.
Мечот во двојки на Магдалена Стоилковска и Ања Станковиќ од Србија против Ксенија Ласкутова (Русија) и Ани Вангелова (Бугарија) е префрлен за утре поради можноста заради темница да биде прекинат.
Од македонските тенисерки денеска настапија во поединечна конкуренција Магдалена Стоилковска и Ива Данева и двете ги загубија мечевите.
ФОТО: Денис Дуковски