Македонската тенисерка на експресен начин стигна до полуфиналето на „Триглав опен“ што се игра во Скопје. Таа во четвртфиналето денеска за 52 минути ја победи Сада Нахимана од Бурунди со 2-0 во сетови (60 61).
Во текот на целиот меч македонската тенисерка беше доминантна и во ниту еден момент противничката не се закани. Првиот сет Ѓорческа го доби на убедлив начин со 6:0 во гемови. Серијата на гемови продоложи и во вториот сет кога македонската тенисерка водеше со 5:0, а потоа во шестиот гем на Нахимана го направи единствениот брејк, но пред се дека Лина имаше три двојни сервис грешки во тој гем. Но, во следниот гем Ѓорческа направи ри-брејк за 6:1 и конечна победа од 2:0 во сетови.
Во мечот Ѓорческа имаше 7/7 искористеност на брејк топки и седум двојни сервис грешки, со два аса.
Во полуфиналето Ѓорческа ќе игра против Ива Приморац од Хрватска, која денеска ја елиминираше првата носителка Леолиа Жанжан од Франција – 2:0 во сетови (63 62). Во второто полуфинале ќе играат Јустина Микулските (9) од Литванија и Дејана Радановиќ (14) од Србија. Микулските ја победи Деа Херџелаш од БиХ со 2-0 во сетови (64 61), додека Радановиќ беше подобра од Ајла Аксу од Турција со истиот резултат 2-0 (63 62).
Од денешната програма треба да се играат уште полуфиналните мечеви во двојки, а по завршувањето на овие мечеви ќе биде позната и програмата за утре кога ќе се играат полуфиналните сингл мечеви и финалето во двојки.