По финалето во Рим најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа оваа недела настапува на уште еден ИТФ фјучрс турнир со награден фонд од 60.000 долари од категоријата W75 во Порто. Ѓорческа на овој турнир ќе игра на тврда подлога, за разлика од претходниот турнир што го играше на земја во Рим.
Во првото коло денеска ја совлада домашната тенисерка Карла Томаи (Португалија), која настапи со вајлд карта. Македонската тенисерка експресно ја мина првата пречка и за 37 минути со 2-0 ја совлада ривалката и притоа загуби само еден гем (60 61). Единствениот гем Ѓорческа го загуби на почетокот на вториот сет кога Томаи поведе со 1:0 во гемови.
Утре во мечот од второто коло Ѓорческа ќе игра против четвртата носителка Маја Џоинт од Австралија (18 години, 161 место ВТА листа), која во првото коло ја совлада Матилде Жорге од Португалија. Мечот нема да почне пред 15:30 часот по локално време или 16:30 часот по македонско време.
На турнирот во квалификациите настапуваше и македонската тенисерка Магдалена Стоилковска, која беше совладана од Олга Хелм од Данска.