Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на фјучрс турнирот на Крит, откако денеска загуби од Синја Краус од Австрија со 2-0 во сетови (62 64) за 85 минути. За пласманот во четвртфиналето македонската тенисерка освои 13 поени.
Самиот меч почна добро за Ѓорческа која поведе со 2:0 во гемови во првиот сет, но потоа следуваше серија од шест гема за Краус, која сетот го заврши со 6:2 и поведе со 1-0. Во вториот сет до 2:2 во гемови немаше брејк, а потоа Краус поведе со 3:2, но Лина ги врати загубениот сервис и изедначи на 3:3. Сепак и во следниот гем имаше брејк за Краус што се покажа како решавачко и по водството од 4:3, таа го доби сетот со 6:4.
Ѓорческа имаше 4 ас сервиси и 11 двојни сервис грешки во мечот, а искористи две брејк топки од петте можности, додека Краус реализираше 5 брејка од 11 можности.
Македонската тенисерка и следната недела ќе настапува на фјучрс турнир на грчкиот остров Крит во Ираклион што се игра за награден фонд од 40.000 долари.