Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во полуфиналето на фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања, Србија што се игра за награден фонд од 25.000 долари. Таа попладнево во два сета без многу проблеми ја победи осмата носителка Кајса Риналдо Персон од Шведска со 2-0 во сетови. Утре во полуфиналето ќе игра со искусната Романка Кристина Дину (30 год., 308 место на ВТА листата).
Ѓорческа одлично го почна четвртфиналето и првиот сет го доби со 6:2 во гемови. Нашата тенисерка имаше водство од 4:0, а таа предност ја зачува до крајот на сетот. Во вториот сет Ѓорческа поведе со 2:0 и 4:1 во гемови и сетот го заврши со 6:4. Притоа последниот гем на свој сервис го освои без загубен поен. Мечот траеше 1 час и 12 минути. Ѓорческа имаше 4/5 брејк топка, а Персон 1/2.
Нејзината утрешна противничка Дину во 1/4 финалето победи со истиот резултат 2-0 во сетови (6:2 и 6:4) против првата носителка Ипек Оз од Турција за 1 час и 49 минути.