Репрезентацијата на Македонија годинашново издание од Дејвис купот во Третата Европска зона што се играше во Улцињ го заврши со две победи (Словенија и Косово) и еден пораз (Црна Гора). Македонија во мечот за опстанок го совлада Косово, иако во групата со три репрезнтации (Словенија и Црна Гора), сите постигнаа по една победа и еден пораз.
На првиот ден Македонија играше против домаќинот Црна Гора.
- Почеток и меч со Црна Гора, беше адаптација. Бугариќ тешко се привикна во мечот со Петар Јовановиќ, но како одминуваше мечот во вториот сет беше на висината на задачата и само нијанси го решија победникот (7-5 во вториот сет за Јовановиќ). Деари беше под голем притисок против играч Резарт Чунгу, кој буквално играше на „домашен терен“. Иако беше во грч, сепак покажа добра игра. Дублот (Димитар Грабул и Амар Хусеиновиќ) поведе со 1-0 во сетови, но вториот сет беше во знак на домашниот тим. Во решавачкиот сет нашите водеа со 4:1 во гемови, но едноставно противниците играа многу квалитетно и Црна Гора заслужено го доби мечот во двојки, изјави селекторот Горан Шевченко.
(Берк Бугариќ на мечот против Црна Гора)
(Шендрит Деари на мечот со Црна Гора)
(Амар Хусеиновиќ и Димитар Грабул на мечот со Црна Гора)
Следен ривал ни беше репрезентацијата на Словенија, која беше носител во нашата група.
- Со Словенија го одигравме најдобриот меч. Бугариќ буквално го надигра противникот (Матиц Крижник). 2-0 во сетови (63 63) и притоа Берк клучните поени ги одигра фантастично. По ова следуваше мечот на Деари, секако беше најинтересниот меч. Деари покажа дека може да игра на високо ниво особено што неговиот ривал Бор Артнак, е со многу добар ранг. Не дозволи да биде „притиснат“ во играта. Првиот сет Словенецот го доби со еден брејк, а во вториот сет Деари водеше со 4:1 во гемови и потоа и во тај брејкот со 4:2 на поени, но сепак сетот го освои Артнак. Може го добија Словенците овој меч, но оваа пресметка имаше влијание на конечниот исход. Артнак во играта на двојки едноставно не беше во состојба да игра и поради грчеви Словенија по само еден одигран гем го предаде мечот, напомена македонскиот селектор.
(Берк Бугариќ на мечот со Словенија)
(Шендрит Деари на мечот со Словенија)
По биланс една победа и еден пораз на сите три репрезентации, но со послаб скор од ривалите Македонија како третопласирана мораше да разигрува за опстанок против третопласираната репрезентација од другата група – Косово.
- Го почнавме мечот со водство по рутинската победа на Берк, за потоа Деари кој беше уморен сепак успеа да го добие решавачкиот сет. Тоа го направи со голема желба, играше со срце и тоа му ја донесе победата. Добро беше што победивме и што не решаваше мечот во двојки, бидејќи тоа е како „руски рулет“, заклучи предводникот на македонскиот тим.
(Шендрит Деари на мечот со Косово)
(Берк Бугариќ на мечот со Косово)
За целото натпреварување во многу тешки временски услови, Шевченко истакна:
- Мечевите од Дејвис купот се играа во Улцињ, Црна Гора и за време на периодот од 6-7 дена од нашиот престој температурите беа исклучително високи околу 40 степени. Такви температури имаше и за време на мечевите. Во такви случаи беше применето правилото „heat rule“ и тоа во три наврати. Во два случаи беше дадена пауза од 10 минути по завршување на вториот сет, пред почеток на третиот сет, а еднаш имаше и прекин од три часа, до намалување на температурите. Сепак сите репрезентативци го дадоа максимумот на мечевите во секој поглед, не само кога беа на теренот. Момците одиграа тимски и се надевам дека следната година ќе направиме повеќе. Можеби испуштивме да го добиеме дублот со Црна Гора и ќе беше 2:1 и така трите екипи ќе имавме победа од 2:1, но пак ние ќе бевме трети во групата и да го добиевме тој сет, ќе немавме можност да бидеме први или втори во групата и да играме за пласман во Втората зона. Деари одигра добри мечеви, особено што последните неколку месеци е активен на турнирите, а Берк имаше пауза од шест месеци поради операција и беше на висина на задачата. Мислам дека следната година со Калин Ивановски, (не играше поради повреда) со негово враќање, како и со учество на тенисерите кои откажаа, мислам дека повторно може да имаме тим кој ќе се бори за „промоција“ во Втората Евро-африканска зона и сметам дека имаме потенцијал да го направиме тоа, рече Горан Шевченко.
Пласман во Втората Евро-африканска зона обебедија: Кипар (победник во Улцињ), Црна Гора и Словенија, додека репрезентациите на Косово и на Азербејџан испаднаа и следната година ќе играат во Четвртата Европска зона.