Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски со победа го заврши настапот на годинашниов фјучрс во Скопје откако во финалето го победи Французинот Саша Вајенбург со 2-0 во сетови (76(2) 64) за 1 час и 46 минути игра. Ова за Ивановски е четврта титула во кариерата,а прва од рангот фјучрс 25, а претходните три ги освои на турнири фјучрс 15. Воедно ова е прва титула на земјена подлога.
Ивановски мечот го почна одлично со брејк и потоа водство од 2:0. Но, Французинот се врати во игра и направи два брејка за водство од 4:2. Сепак неизвесноста продолжи откако Ивановски направи уште еден брејк и потоа изедначи на 4:4. Вајенбург го искористи гемот на свој сервис за водство од 5:4, а во 10.тиот гем на сервис на Ивановски нашиот тенисер направи двојна сервис грешка со што Французинот имаше и сет топка во првиот сет, но Калин го „намести“ сервисот и стигна до изедначување 5:5. Во следните два гема немаше брејк, а во тај брекот почна со два мини брејка, а по 2:2 на поени Вајенбург направи двојна грешка и потоа следуваше серијата на Ивановски од пет поени за да поведе во мечот со 1-0 во сетови.
За разлика од првиот сет во вториот имаше помалку брејк можност, а Ивановски го направи брејкот во 10.тиот гем откако имаше водство од 5:4, а тој гем го освои без загубен поен за 6.4 во вториот сет и конечна победа.
Околу 500 гледачи ја проследија победата на Ивановски и во текот на целиот меч му даваа голема поддршка.
Ивановски за победата ќе освои 25 поени, а паричната награда е 3.600 долари, додека Вајенбург освои 16 поени и 2.120 долари.
Фото: Игор Паневски