Финале на Челинџер 75 Macedonian Open 2023

May 26, 2023

Во финалето на годинашново издание на Челинџер 75 турнирот Macedonian Open ќе играат Мате Валкуз од Унграија (24 години) и Франциско Комесана (22 години) од Аргентина, кој воедно е и петти носител на турнирот. Пласманот во финалето на Унгарецот Валкуз е уште поголем ако се знае дека на турнирот играше и во квалификациите, па така покрај четирте победи на главниот турнир имаше уште две од квалификациите.

Според моменталниот ранг може да се очекува неизвесно финале особено што разликата на ранг листата е минимална Валкуз е 283.то место на АТП листата, а Комесана е 273.ти. Најдобриот пласман Унгарецот го има забележано оваа година кога бил 236.ти (30.01.2023), додека Аргентинецот најдобар ранг имал 204.то место (25.07.2022).

Ова за нив нема да биде прво финале. Во 2021 година (25.јули) играа во финалето на фјучрсот во Котингбрун, Австрија (награден фонд 25.000 долари), каде победи Валкуз со 2-0 во сетови (61 и 62). Воедно тоа е нивниот единствен меч досега.

Унгарецот Валкуз во Скопје ќе го игра своето 20.то финале, трето на турнирите од рангот на Челинџер. Првите две ги загуби: 2018 година во италијанскиот град Корденонс и во април оваа година во Острава. На ИТФ турнирите има 13 победи и 4 порази.

Аргентинецот Комесана пак е во серија од победи на финалните мечеви. Во Скопје ќе го игра 12-то финале, а по поразите во првите шест има серија од пет победи која сеуште трае. На Челинџер турнирите има два финални меча и двата ги има добиено и тоа против сонародникот Мариано Навоне во јуни 2022 година во Кориентес и Буенос Аирес, двата во Аргентина.

Покрај тоа што Унгарецот играше и квалификации само на мечевите на главниот турнир мина 1,5 час повеќе на теренот – Валкуз играше 419 минути (6 часа и 59 минути), а Комесана 327 минути (5 часа и 27 минути).

Инаку Унгарецот Валкуз не е единствениот квалификант на Macedonian Open, кој стигнал до финалето. Тоа му успеа и на Василис Мазаракис од Грција, кој во 1999 година го освои турнирот.

ПАТОТ ДО ФИНАЛЕТО – МАТЕ ВАЛКУЗ

1/2 финале – Драгош Николае Мадарас (4.носител, Шведска) 62 76(3)

1/4 финале – Азиз Дугаз (1, Тунис) 61 61

2.коло – Сумит Нагал (Индија) 75 06 62

1.коло – Ендрју Паулсон (Чешка) 26 63 64

2.коло квалификации – Матијас Бурже (Франција) 62 60

1.коло квалификации – Берг Бугариќ (Македонија) 64 61

ПАТОТ ДО ФИНАЛЕТО – ФРАНЦИСКО КОМЕСАНА

1/2 финале – Евгени Донској (Русија) 63 61

1/4 финале – Оливер Крафорд (САД) 64 61

2.коло – Џовани Фонио (Италија) 76(6) 62

1.коло – Џејмс Мек Кејб (Австралија) 75 60

Во финалето во конкуренција на двојки ќе играат првите носители Срирам Балажи (33 години, 86.место во двојки) и Јеван Недучезијан (34 г., 82.место) против Петр Нуза (24г, 179 место) и Ендрју Паулсон (21, 174 место) двајцата од Чешка.

Почетокот на мечевите во сабота е во 10:30 часот, ќе се играат на Централниот терен на ТК Југ, а влезот како и претходните денови е слободен.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани